За струшката такла

Дефинитивно, еден од главните критериуми за да се биде вистински стружанец е да знаеш да скокаш Такла. Тоа е оној скок во вода кој ќе го забележите секогаш кога ќе проаѓате покрај Црн Дрим од доцната пролет до раната есен, со кој младите и стари стружани ги прскаат туристите и намерниците кои се движат по кејовите или мостовите. Ако ги прашате стружаните, Таклата е третиот моторички чин по важност после одењето и пливањето, па така ќе забележите како ја скокаат мали дечиња кои сеуште не ги развиле останатите животни вештини од гореспоменатите.
 
За потеклото на Таклата и нејзината појава не се знае баш многу, се знае само дека стотина години се предава од колено на колено во две различни технички варијанти. Иако е неофицијална и ненатпреварувачка акробатска целина, таа има јасно утврдени правила на изведба. Постои „токмуноџечка“ Такла која се изведува со прави нозе и „скрсноџечка“ Такла каде нозете се свиени во колената и вкрстени една кон друга со подколениците. Но, едно е сигурно, Таклата е типичен струшки бренд кој се појавил и развил на кејовите на Црн Дрим.
 
Името Такла веројатно има провиненција од отоманско време бидејќи самиот збор на старотурски јазик означувал акробатски скок. Како и да е, постарите жители на градот се присетуваат дека скокот добива посебна атрактивност со уредувањето на коритото на реката и градењето на неколкуте мостови во сега веќе далечните шеесетти години на минатиот век.
 
Од биомеханички аспект Таклата преставува сложен моторички чин кој како и секој друг скок има три фази. Започнува со едно спуштање, кое дозволува телото да падне во водата што поблиску до неговата појдовна позиција. Оние поискусните го прават тоа со силно отскокнување без притоа телото да има хоризонтална проекција нанапред, туку вертикална нагоре за падот да се изведе што поблиску до платформата од која се изведува скокот. Наредната фаза, летот (или паѓањето) се изведува на тој начин што телото е оставено да пропаѓа во вертикална положба обезбедувајќи ја на тој начин оптималната позиција за завршната фаза, а тоа е слетувањето во водата која воедно е и најважната фаза на скокот. Слетување започнува во моментот кога карлицата на скокачот се приближува до површината на водата, момент кога со трупот се прави силна постериорна проекција, легнување, кое при завршувањето на скокот треба да се израмни во хоризонтална линија во позицијата на карлицата и нозете. Така водата која се наоѓа меѓу задникот и грбот на скокачот бива силно потисната и исфрлена нагоре кон брегот. Секако, согласно физичките закони успешноста на Таклата е зависна од масата на скокачот, но уште повеќе од точното погодувањена моментумот кога телото треба да биде зафрлено наназад.
 
На наредното издание на спортскиот фестивал „Илинден 2024“ кој традиционално се одржува на 2 август, за прв пат ќе биде организиран натпревар во Такли, а за таа пригода најавуваме поставување на платформа висока 6 метри на самиот кеј на реката. На изработката на идејниот проект веќе работат докажани архитекти и она кое што можеме да го споделиме во моментов се овие фотографии од нашата замисла.
 
Утврдувањето на висината на исфрлената вода од Таклите ќе се реализира преку специјална компјутерска програма која ќе користи снимки од дигитална камера. На тој принцип ќе се сумираат резултатите и ќе се прогласуваат најдобрите скокови.
 
Нашиот портал го контактираше организаторот на фестивалот од каде добивме информации дека годинава очекуваат на фестивалот да земат учество повеќе од 500 спортисти.
 
 
 
 

https://era.mk

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*