По повод одбележувањето на Денот на Македонската полиција, учениците од II одделение при ООУ „Браќа Миладиновци“ – Струга ја посетија полициската станица во Струга и им го честитаа празникот на полициските службеници.
Со насмевки, искрени честитки и голема љубопитност, учениците имаа можност одблиску да се запознаат со работата на полицијата, нивната одговорност и важната улога што ја имаат во заштитата на граѓаните и одржувањето на безбедноста.
Полициските службеници со задоволство им ја претставија својата работа, службените возила и опремата што секојдневно ја користат. Учениците покажаа голем интерес и научија дека полицијата е хумана, одговорна и храбра професија која секојдневно се грижи за безбедноста на сите граѓани.
Посетата помина во пријатна и пријателска атмосфера, исполнета со дружење, разговор и многу детски насмевки. На крајот, учениците им посакаа многу здравје, успех и безбедни работни денови на полициските службеници, упатувајќи искрени честитки по повод нивниот празник.