Предвремено родени деца

17 Ноември е Светски ден на предвремено родени деца

Пред 3 децении предвремено родените бебиња имаа многу мали шанси да преживеат. Денеска со развојот на медицината сѐ е променето. Овие се карактеристиките за предвремено родените бебиња.

Бебето се смета за недоносено кога е родено пред 37. гестациска недела од бременоста се смета за недоносенo, односно предвремено роденo бебe. Се смета дека 24. гестациска недела од бременоста е најраното време кога бебето е доволно развиено и може да преживее, но со помош на неонатална интензивна нега. Бебето кое е родено пред 24. гестациска недела во најголем број случаи не е доволно зрело за да може да преживее.

Предвремено родените бебиња се мали и недоволно развиени, со телесна тежина помала од 2.500 грама. За екстремно незрели бебиња се сметат тие што се родени пред 28. гестациска недела и овие бебиња се посебно чувствителни. И токму поради предвременото породување, во одредени случаи кај овие бебиња можни се здравствени компликации како:

  • Проблеми со дишењето (хронични проблеми со белите дробови)
  • Кардиоваскуларни проблеми
  • Жолтица поради незрелоста на црниот дроб
  • Проблеми во исхраната (неможност да го координира цицањето, намален тонус, конвулзии)
  • Нарушување во крвните садови
  • Склоност кон инфекции

Основните карактеристики на предвремено роденото бебе се општа незрелост на органите и системите кои се важни за живот. Кожата кај бебињата е тенка и покриена со мали влакненца, а крвните садови се многу видливи. Мускулите и поткожното масно ткиво се слабо развиени, па предвремено родените бебиња изгледаат ситни и слаби. Плачот едвај се слуша, а половите органи се неразвиени. Со текот на времето бебето ќе созрее, напредува, расте и ќе добие изглед на бебе родено во термин.

Во првите денови од животот предвремено родените бебиња имаат незрел систем за регулација на телесната температура, па без помош на регулација на температурата не можат да ја одржат нормалната телесна топлина. Во инкубаторот лесно се регулира температурата и влажноста на воздухот. Исто така, инкубаторот претставува изолирана средина и на тој начин го штити бебето од инфекции.

Инкубаторот првенствено се користи за да се постигне температура кај предвремено роденото бебе и затоа еден од важните предуслови за префрлање на бебето од инкубатор во креветче е способноста на бебето да ја одржи телесната температура. Бебето се вади од инкубатор тогаш кога неговата здравствена состојба е стабилна и има телесна тежина над 1.700 грама.

Предвремено родените бебиња остануваат во болница во зависност од тоа колку се предвреме родени, како и нивната здравствена состојба. Ако се незрели, со мала телесна тежина, бебињата остануваат подолг временски период бидејќи им е потребна грижа и следење од медицински лица.

На вашето предвремено родено бебе потребно му е поголемо внимание и грижа, затоа често посетувајте го и остварувајте контакт со него. Допирајте го, зборувајте му, давајте му љубов. Бебето ќе ги запамети допирите и бојата на вашиот глас. По излегувањето од болница, неопходни се редовни контроли и скрининзи кои се препорачани од лекарот.

Секоја капка од вашето млеко е од непроценливо значење за новороденчето, особено кога тоа е предвреме родено или, пак, болно. Бидејќи станува збор за недоносено бебе најчесто тие имаат проблем со цицањето додека не зајакнат и не се развијат доволно. Затоа најдобро е да го измолзете своето млеко со помош на пумпа за измолзување и да му се даде на бебето преку сонда.

Колку ќе напредува во телесна тежина месечно зависи од неговата здравствена состојба. Доколку е стабилно, додека е во болница тоа треба да добива од 20 до 30 грама дневно.

Кога предвременото родено бебе ќе ги стигне своите врсници зависи од генетските фактори, средината, дали има некои хронично заболување, невролошки проблеми. Доколку нема никакви компликации, предвремено роденото бебе до три години може да ги стигне своите врсници.

https://era.mk

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*