Марија Калас: Живеев за уметност, живеев за љубов!
Зборовите од аријата „Тоска“ – Живеев за уметност, живеев за љубов – би можеле да бидат епитаф на гробот на Марија Калас. Ја нарекувале Тигрица, а љубовта кон сопственикот на бродот Оназис ја сметале за „најголемата грешка на тигрицата“. Иако била родена во Њујорк, судбината ја вратила оперската дива Калас во Грција каде што го нашла не само вистинскиот пат до светската слава, туку и фаталната љубов која скапо ја чинела.
Најпознатата оперска дива на сите времиња, како да живеела да ја докаже вистинитоста на популарната изрека дека сите вистински љубови се тажни. Жена со истовремено божествен и демонски глас, беспрекорна убавина и впечатлива несигурност, сакала само еднаш и погрешен маж. Темпераментната Гркинка која блеснала на оперските сцени ширум светот во средината на минатиот век прикажувајќи ги ликовите на Мадам Батерфлај, Тоска, Норма, Кармен, всушност била само исплашено девојче кое сака искрени прегратки и љубов. Нејзината привлечност била магнетна, попопуларна од многу холивудски ѕвезди во своето време. Со својот необичен живот, каприциозност, неверојатна амбиција и своевиден љубовен удар го привлекла вниманието на медиумите и јавноста. Еднаш се омажила, еднаш сакала, еднаш се породила и ништо од тоа не и донесло среќа.
Марија Калас е родена на 2 декември 1923 година во Њујорк, Менхетен, како втора од двете ќерки во семејството на грчките емигранти Џорџ и Евангелија кои емигрирале во Америка непосредно пред нејзиното раѓање. Бракот на нејзините родители не бил среќен, па нејзината мајка решила да го остави татко и во 1937 година и се вратила во Грција со ќерките. Зборувајќи за детството, Марија изјавила дека се чувствувала грдо, отфрлена и дека мајка и ја терала да пее иако таа тоа го мразела. Понекогаш се прашувала дали има чувства кон неа и како може да биде толку строга и студена. Оперската дива била одлична актерка на сцената, а режисерите ја сметале за тешка и напорна за соработка, но пред се интелигентна и личност која знае што сака. Често не се согласувала на компромиси во бизнисот, поради што често била во центарот на скандалите. Таа знаела да откаже настап доколку не се чувствува добро или кога не е доволно подготвена.
Сепак, она што особено ја привлекувало публиката и медиумите бил нејзиниот емотивен живот, далеку поскандалозен од деловните инциденти. Таа била многу секси жена која магнетски го привлекувала спротивниот пол. Сакала постари мажи, авторитетни, богати и успешни бизнисмени, не толку згодни колку популарни заводници и срцекршачи. Својот сопруг Џовани го опишувала како молчалив и воздржан, но и некој кој знаел да биде пријател и има некаква татковска улога во нејзиниот живот. Нивниот брак не бил исполнет со страст, што придонесло таа подоцна да се најде во прегратките на друг маж. Марија, опкружена со досадата што ја обземала, западнала во нова љубов, која ја чинело кариера и неа ја обележало како славна љубовница на минијатурниот Грк, познатиот сопственик на брод и милијардер Аристотел Оназис. Тие за прв пат се запознале на бал во Венеција додека двајцата биле во брак. Нешто подоцна, Оназис решил да ги покани Марија и Џовани на крстарење по Медитеранот со неговата јахта Кристина. Тоа крстарење било првичниот катализатор за одлуката на Марија да се предаде на прегратките на Оназис.
Аристотел бил оженет со Тина Ливанос, со која имал ќерка и син. Нивниот брак не бил исполнет со од љубов, туку преку оваа брачна врска си обезбедил пристап до кругот на врвни сопственици на бродови. Тина била исклучително самосвесна жена од високото општество, зборувала странски јазици, нејзиниот живот го сочинувале разни забави, приеми и вечери каде однесувањето варирало од резервирано на почетокот на вечерта па се до промискуитетно и вулгарно на крајот од вечерата. Меѓутоа, разводот на Оназис и Тина не бил финализиран кога Марија стапила во романтична врска со него. Оттогаш до крајот на животот на Марија, единствената личност што постоела за неа, покрај уметноста, бил Оназис.
Марија го молела својот сопруг за развод, поради што тој ги загубил нервите и јавно го обвинил Оназис за распадот на нивниот брак. Тоа не го спречило богатиот сопственик на брод да даде понуда: Колку сакаш за Марија? Пет или десет милиони? Сепак, Аристотел не размислувал за развод, тој сакал и љубовница и жена.
Но и кога се развел, не и понудил на Марија брак. Венчавката никогаш не се случила и тој засекогаш останал нејзин љубовник. Нивната љубов беше силна и страсна, но Марија секогаш била таа што морала да прави компромиси и да го прифати Оназис без да се обидува да го промени. Таа била лудо вљубена во него, а тој бил маѓепсан од нејзината слава и харизма.
Оназис не ја разбирал уметноста и не ја поднесувал операта. Наместо да оди на концерти, тој повеќе сакал да танцува во таверните како што тоа се прави во неговата Грција, кршејќи чинии околу него. Често велел: За мене, слушањето на тие арии е како двајца италијански готвачи да извикуваат рецепти за рижото. Па, сепак, се памети дека едно време купил дури сто билети за да и докаже на Марија Калас колку се грижи да ја види на сцената. Често ја понижувал велејќи: „Имај на ум, љубов моја, дека не си моја жена или домаќинката во куќата. Ти си само гостин или си како пејачка во ноќен клуб со свирче во грлото“.
Кога таа останала бремена од Аристотел, тој остро реагирал : Јас веќе имам две деца. Зошто уште едно? За време на бременоста, Марија одбила некој да ја види и на 30 март 1960 година родила момче кое живеело само неколку часа. Но, бидејќи таа му била љубовница, раѓањето и смртта на момчето морало да остане тајна. Поради смртта на своето дете, Марија немала храброст да се соочи со реалноста и да продолжи со својот живот. Се предала на лековите за смирување како нејзина единствена утеха. Од друга страна, Оназис не покажал тага, ниту понудил утеха, туку продолжил со своите активности, уште поинтензивно од порано. Тоа било само почеток на големата љубовна трагедија.
Лошиот однос со Оназис и душевната болка што ја придружувало оваа бурна љубов влијаел и на нејзината кариера. Публиката препознала дека дека гласот на познатата, божествена оперска пејачка го губи сјајот. Поради се што и се случило, Марија сакала да си го одземе животот, но Оназис ја нашол во станот во Париз што тој и го купил.
Иако навистина никогаш не се разделил со неа, никогаш не пропуштал прилика да ја повреди. Знаел како никој друг колку е ранлива, а таа длабоко во себе била убедена дека е грда. Како што кажувале пријателите, еднаш, кога таа му ја покажала новата капа и го прашала како му се допаѓа, тој и одговорил: Купи нова капа или направи ја од дел од твојот нос.
Излевајќи толку лоша енергија и очај, таа несвесно го оттурнала Оназис од себе и го турнала директно во прегратките на Жаклин Кенеди, вдовицата на убиениот американски претседател Џон Ф. Во 1964 година, Оназис го направил своето прво јавно појавување со Џеки, која ја запознал девет години по започнувањето на врската со Марија. По само три месеци врска, тој се оженил со најпознатата вдовица на светот. Марија била шокирана, а веста за неговата венчавка ја дознала од весникот.
Една година по венчавката со Џеки, Оназис ја обновил страсната врска со Марија. Во една прилика во ноќниот клуб гласно извикал: „Колку е добро што повторно ги чувствувам дебелите колкови на Марија. Дома сум полн со коски“.
По смртта на синот на Оназис Александар, кој загинал во авионска несреќа, сопственикот на бродот почнал да се разболув. Кога почувствувал дека се ближи крајот, ја повикал Марија. Блиските пријатели велат дека Марија Калас лежела будна цела ноќ во неговиот кревет и`и рекол: „Те сакав. Не секогаш добро, но колку што можев“.
По неговата смрт, Марија се вратила во својот стан во Париз и живеела речиси осамен живот. Кога сфатила дека повеќе не треба никому да докажува дека е одлична пејачка и посакувана жена, ги напуштила и операта и Ди Стефано со кој била во врска.
Во 1977 година го снимила филмот Медеја и целосно се повлекла од сцената. Две години по смртта на нејзината најголема љубов, на 16 септември 1977 година, на педесет и три години починала и Марија. Таа го напуштила овој свет поради срцеви заболувања како последица на прекумерната употреба на седативи. Нејзината пепел била расфрлана, по нејзина желба,во Јонското Море, во чие срце, на островот Скорпиос, бил закопан и Оназис.
Моника Белучи ја глуми една од најголемите оперски ѕвезди на 20. век во претставата на театарот Буф Паризиен, „Марија Калас: писма и мемоари“, во режија на Том Волф. Волф, кој ги собирал писмата на Калас и го снимил филмот „Марија од Калас“, вели дека Белучи со нејзиниот статус на ѕвезда одлично сфатила каква жена се крие зад иконата Калас. Во претставата, Белучи дури носи и еден нејзин фустан.
Анџелина Џоли снима биографски филм за славната певица Марија Калас, па на интернет се појавија фотографии од снимањето во Париз, Франција. Претстојниот филм, според првичните информации, се опишува турбулентниот живот на легендарната грчко – американска оперска дива во 1970-тите. Снимањето сѐ уште е во почетна фаза, а киноприкажувањата се закажани за 2024 година.