Кето исхрана
Кето исхрана е начин на исхрана кој во праксата се покажал како ефикасен третман за слабеењe.
Тоа е диета богата со протеини и масти, а сиромашна со јаглехидрати. Во продолжение прочитајте повеќе зошто оваа диета е ефикасна и како помага во слабеењето.
- Што е кето диета и на кој начин функционира?
Кетогената исхрана се базира на принципот на внес на поголеми количини масти и протеини, а минимален внес на јаглехидрати.
За нашето тело да генерира енергија потребно му е “гориво”, а тоа гориво го користи од јаглехидратите. Тие во телото се разложуваат на прости шеќери од кои најважна улога има глукозата. Таа е наједноставниот и најдостапен извор на енергија. Кога не внесувате доволно јаглехидрати во телото, тоа почнува да бара некој друг извор на енергија за да ги задоволи своите потреби. При недостаток на глукоза, телото започнува да ги согорува мастите и нив да ги користи како “гориво”. Кога ќе го доведете телото во таа состојба, вие всушност се наоѓате во состојба позната како кетоза. А тоа е и моментот кога започнува и процесот на слабеење!
Кетозата е состојба којашто настанува во организмот како последица на метаболички процес кој се нарекува кетогенеза. За време на овој процес телото генерира енергија од масните киселини кои се мобилизираат од масното ткиво. Продукт на разградба на масните киселини е супстанцата наречена ацетил-коензим А која исто така се добива и при разградба на глукозата. Ацетил-коензим А е главниот молекул кој што учествува во процесот на генерирање енергија во телото преку клеточното дишење. Разликата е во тоа што при разградба на една масна киселина се добиваат многу молекули на ацетил-коензим А кои телото не може во целост да да ги искористи за генерирање енергија. Вишокот неискористени молекули се групираат меѓусебно и формираат кето тела.
Како заклучок од тоа е дека за време на кетогена исхрана бидејќи телото нема достапни шеќери за добивање на енергија, бара алтернатива и доаѓа до мобилизација на мастите од масното ткиво при што започнува процесот на слабеење.
- Кои се симптомите на кетоза?
Во првите денови при започнување на кетогена исхрана, телото се соочува со состојба која воопшто не му е природна. Сето тоа е благодарение на модерната исхрана на 21-виот век која изобилува со многу јаглехидрати и прости шеќери со кој го преоптоваруваме нашиот организам, што не било случај со нашите предци кои во најголем степен се исхранувале од дивечот којшто го ловеле.
Првите симптоми на кетоза воопшто не се пријатни и тоа особено во првите неколку денови. Но, тоа е знак дека вашето тело започнува да реагира. Најчести симптоми се: главоболка, слабост и умор, жед, метален вкус во устата, мачнини и болки во стомакот. несоница и зачестено мокрење.
За да ги намалите овие симптоми при започнување на ваквиот начин на исхрана мора да пиете многу течности, да внесувате витамини, минерали или да правите протеински напитоци кои ќе ви дадат енергија и ќе ги олеснат симптомите на кетозата. Повеќето од овие симптоми исчезнуваат после 2-3 дена кога телото ќе се прилагоди на состојбата.
Освен симптомите коишто се главен индикатор за тоа дали влегувате во кетоза, мерењето на кетоните во урината е поточна метода којашто со сигурност ке ви потврди дали сте во кетоза или не.
- Што вклучува кетогената исхрана?
Кетогената исхрана пред се подразбира намален внес на јаглехидрати и тоа од 20 до 50 g. дневно. Поточно во оваа диета јаглехидратите се застапени со само 5%, протеините со 20%, а мастите дури 75%.
Дали треба да броите калории додека сте на оваа диета?
Пожелно е да знаете колку калории е потребно да внесете во текот на денот, за да знаете на кој начин да ги комбинирате мастите и протеините.
Количината на протеини која треба да ја внесете треба да е во сооднос со вашата тежина. Правилно е да јадете 1 g протеини на 1 kg тежина. Кога тој број на протеини ќе го помножите со 4, добивате број на калории кои што треба да ги внесете од протеините. Тоа е затоа што 1 g протеини содржи 4 калории.
Остатокот калории кои треба да ги внесете, треба да бидат од масти. За да одредите колку точно калории, потребно е од вкупниот број на калории кои треба да ги внесете во текот на денот да го одземете бројот на протеински калории и вредноста да ја поделите со 9. Тоа е затоа што 1 g масти содржи 9 калории.
Количината на јаглехидрати треба да биде под 50 g на ден. Ова значи дека треба да го ограничите внесот на овошје затоа што овошјето содржи многу шеќери (табела со вредности за тоа колку шеќер има во овошјето), а за таа сметка да го зголемите внесот на зеленчук и тоа зелен лиснат зеленчук (табела со нутритивни вредности на најупотребуваните зеленчуци) којшто е полн со витамини и минерали, а ќе ве одржи под границата од 50 g јаглехидрати дневно.
- Што да јадете кога сте на кето диета?
Кетогената исхрана е едноставна, треба да избегнувате готова храна и прехрамбени производи, шеќер, скроб, тестенини, а воедно да внимавате и на внесот на овошје.
Кетогената исхрана ги вклучува следните продукти:
месо, риба и морски плодови – можете да јадете пилешко, мисиркино, телешко или свинско месо , како и сите видови на риба и морски плодови.
јајца– подготвени на било кој начин.
масла – сончогледово, маслиново, кокосово – овие масла ќе ви помогнат да ја подготвите храната, а на тој начин ќе внесете и дел од мастите кои се неопходни во кето диетата.
зеленчук – зелена салата, краставица, карфиол, ќељ, брокула, лук, рукола, пиперка, тиквица и домат.
јаткасти плодови – ореви, лешници, бадеми
семиња – ленено семе, сусам, чиа семе
Рецепт: Протеински солени мафини со 0 јаглехидрати
Продукти кои треба да ги избегнувате:
шеќер во сите облици – избегнувајте слатки, сокови, житарици, тестенини и колачи
скроб – леб, компир, ориз, грав, грашок, леќа, цвекло, морков
овошје – внимавајте на внесот на овошје бидејќи само една овошка може да ја надмине границата од 50 g.
Какви се искуствата со кето диета?
Доколку се придржувате до правилата, ќе имате позитивно искуство со оваа исхрана. Во првата недела ќе се чувствувате исцрпено, затоа што на телото му е потребно време да се навикне на новата состојба. Но, во првите неколку денови ќе загубите најмногу килограми. Голем дел од тоа ќе биде и вода.
Првите симптоми на кетогената исхрана можат да ве уплашат и да ве обесхрабат. Но, тоа се сосема нормални симптоми. Тоа е нагла промена на која телото мора да се прилагоди. Зачестено мокрење е еден од начините на кои телото започнува да се прилагодува при што ги исфрла вишокот течности од телото.
Оваа диета е првично развиена за терапевтски цели. Искуствата покажале дека кетогената исхрана е доста корисна во лечење и олеснување на симптомите на епилепсија, Алцхајмерова болест, дијабетес, па дури и како ефиксно оружје против некои видови на канцер.
- Дали премногу масти или проотеини во исхраната можат да влијаат на процесот на слабеење?
Искуствата во кето исхраната покажале дека лошо придржување кон правилата може да доведе до тоа резултатите да не бидат такви какви што ги очекувате. Ова се некои од причините за неуспешност на кетогената диета:
имате преголеми очекувања – во почетокот на оваа диета ќе изгубите доста тежина преку губењето на вишокот течности. Губењето на масните наслаги во почетокот ќе биде помалку видливо и поспоро. Доколку се занимавате со физичка активност, треба да имате на ум дека и мускулите си имаат своја тежина. Процесот на губење на масни наслаги започнува веднаш, но тоа не е видливо веднаш. Потребно е да бидете стрпливи и полека да се насладувате на постигнатите резултати.
не сте го намалиле доволно внесот на јаглехидрати – бидете внимателни и имајте на ум дека шеќери има и во зеленчукот кој е дозволен во овој начин на исхрана. Бирајте ја храната внимателно и следете го убаво сопственото тело.
внесувате премногу јаткасти плодови – овие намирници се дозволени во оваа диета, но внимавајте со нив бидејќи содржат многу калории (табела со нутритивни вредности на јаткастите плодови).
- Дали кетогената исхрана има лоши последици?
Постојат одредени здравствени состојби каде кето диетата не е диета од избор. Тоа е најчесто дколку имате проблеми со бубрезите. Бубрезите имаат улога да ги отстранат отпадните материи од нашето тело. Бројот на кето тела кои мора да се исфрлаат од телото при овој начин на исхрана е зголемен, така што бубрезите имаат многу работа.
Најбитно е за време на овој начин на исхрана да го следите сопственото тело и знаците и симптомите кои телото ви ги испраќа. Доколку диетата и после првите неколку денови ве прави да се чувствувате исцрпено, и почетните симптоми продолжуваат, консултирајте се со лекар дали овој начин на исхрана е правилен избор за вас.
Исто така многу е битно пред почетокот на диетата да направите контрола на крвните параметри, и тоа да го следите и за време на диетата, се со цел да не си го загрозите сопственото здравје.
Предности на кетогената исхрана
Оваа диета освен за слабеење се применува и како третман за лечење на многу болести. Главни предости на кето исхраната се следните:
- слабеење
- ниско ниво на шеќер во крвта
- повеќе енергија
- изградба на мускули, но само доколку за време на диетата се занимавате и со физичка активност
Како и другите диети кај кои не добивате цел спектар на хранливи намирници, така и кето исхраната не е долгорочно решение и не треба да биде животен стил. Тоа е само начин да успеете да ја постигнете идеалната тежина. За да не ги вратите килограмите, вежбајте повеќе и полека започнете да ги внесувате сите продукти во секојдневната исхрана. Избегнувајте преработена храна и слатки кои освен врз килограмите имаат негативен ефект и врз целокупното здравје.