М-р Коста Хиохи – нов претседател на Веслачката федерација на Македонија

На редовното собрание на Веслачката федерација на Македонија, одржано на 15.02.2025 година, со едногласна поддршка од сите присутни делегати, за нов претседател беше избран М-р Коста Хиохи.

Познат по својата посветеност кон спортот, ентузијазмот и визионерскиот пристап, Хиохи зад себе има долгогодишно искуство како спортски работник, тренер и селектор на македонската веслачка репрезентација. Неговата професионална кариера е обележана со пожртвуваност, човек со исклучителна посветеност кон спортот, визионерски лидер и вистински мотиватор, чии труд и ентузијазам оставаат длабока трага во македонското веслање. Неговата страст, пожртвуваност и непоколеблива верба во спортските вредности го прават инспирација за сите што го познаваат, а како професор по спорт во „Јахја Кемал“ Колеџ, инспирира бројни млади спортисти.

Во својот поздравен говор, Хиохи изрази благодарност до претходното раководство за нивната посветеност и најави динамични организациски промени насочени кон унапредување на веслачкиот спорт во Македонија. Еден од клучните проекти ќе биде формирањето на подготвителни центри во Охрид и Струга, со што ќе се создадат подобри услови за развој на младите таленти.

Покрај тоа, Хиохи е познат и како еден од организаторите на спортскиот фестивал „Илинден“, манифестација која промовира спортски дух, тимска работа и здрави животни навики. Неговата заложба за развојот на спортот ќе продолжи и преку интензивна соработка со меѓународната федерација ФИСА, Министерството за спорт и Олимпискиот комитет, со цел подигнување на македонскиот веслачки спорт на повисоко ниво.

Со овој избор, Веслачката федерација добива лидер со визија, енергија и искрена љубов кон спортот, кој несомнено ќе донесе позитивни промени и нови успеси на македонските веслачи.

https://era.mk