Започнува празничен период. Внимавајте на исхраната!

Сите сме виновни за прекршокот „полнење на стомаците кога всушност не сме гладни“. Свесно или несвесно, си дозволуваме храната да стигне до нашиот желудник, без тој да ја побарал. Кога се случува повремено, хранењето во отсуство на реален глад и не е толку страшно. Но, кога се вгнездува во секојдневието, станува закана за убавата линија на телото, а понекогаш и за здравјето.

Дали ви се случило да грицкате само затоа што ви е здодевно, сте нервозни или лути? Дали сте личност која ги гледа празниците и специјалните пригоди како зелено светло за прејадување?

Физичкиот глад не треба да биде игнориран. Но, посегнувањето по храна за задоволување на емоционален апетит или апетит поттикнат од нашата околина, е лоша навика која не се вклопува во концептот здрава исхрана.

Еве кои се најчестите причини зошто јадете кога не чувствувате глад:

  1. Празник е или специјална прилика. Кога познавате многу луѓе, секој ден може да биде специјална прилика. Родендени, крштевки, свадби… само што сте помислиле дека дошол крајот, започнува празничен период – Велигден, Нова Година. Може да ви изгледа како секој ден да е исполнет со калорични прослави прелиени со алкохол.
    Совет: Празниците не треба да се гледаат како дозвола за прејадување. Потсетете се дека забавите се за луѓето, а не за храната. Не заборавајте на контролата и не претерувајте со порциите.
  2. Жедни сте. Многу луѓе го мешаат гладот со жедта, па се склони да јадат кога всушност сè што им е потребно е чаша вода.
    Совет: Следниот пат кога ќе почувствувате глад, напијте се вода и почекајте 10 минути. Ако гладот не одмине, слободно пуштете ја раката кон избраната храна.
  3. Користите терапија со храна за да се справите со стресот, нервозата, лутината, осаменоста… По кавгата со саканиот утеха барате во чоколадото? Главоболката од стресниот работен ден ја намалувате со неконтролирано грицкање пред телевизорот? Сите некогаш сме биле жртви на емоционалното јадење, но храната не ги елиминира проблемите.
    Совет: Пред да се залетате кон фрижидерот, запрашајте се дали навистина сте гладни или стресот и нервозата ви ја активираат потребата за јадење. Размислете кои емоции се вашата Ахилова пета. Откако ќе ги откриете, полесно ќе ви биде да реагирате соодветно кога тие ќе нападнат. За да се ослободите од емоционалниот глад, поразговарајте 10-ина минути со ваша пријателка, одете на прошетка во најблискиот парк или посетете ја фитнес салата.
  4. Гладни сте за сон. Факт е дека апетитот е посилен и потежок за контролирање кога не сме доволно наспани. Виновни за тоа се лептинот и грелинот, хормони одговорни за контролирање на апетитот и чувството на ситост. Недоволниот сон го намалува нивото на лептин, хормон кој му кажува на мозокот дека сте примиле доволно храна, а го зголемува нивото на грелин кој го буди гладот.
    Совет: Стремете се кон 7-8 часа сон.
  5. Храната е диетална. Морате да признаете дека читањето на зборот „диетална“ или „light“ на паковањето ви ја смирува грижата на совеста и ве кани да каснете неколку залаци повеќе и покрај внатрешната ситост. Но, треба да знаете дека овие производи не се без калории само затоа што го носат натписот „диетални“.
    Совет: Ограничувањето на порциите и контролирањето на бројот на оброци е неопходно, независно дали во вашата исхрана доминира диетална или недиетална храна.
  6. Здодевно ви е. Сигурно ви се случило често да го отворате фрижидерот за време на здодевен врнежлив викенд или да грицкате бидејќи нема со што друго да ги ангажирате рацете. Здодевноста е рецепт за внесување на дополнителни калории.
    Совет: Најдете активности кои ве исполнуваат, како читање книга, кои ќе бидат ваша опција кога досадата ќе нападне.
  7. Јадете во големо друштво. Колку повеќе луѓе има на масата на која јадете, толку повеќе се зголемува бројот на калории кои ги внесувате, бидејќи потешко ќе можете да ги одбивате идеите за мезење или порачување на вкусен десерт, како и честите наздравувања со чаша алкохол.
    Совет: Зачувајте ја контролата при хранењето, независно од околината и научете се да велите „не“ и покрај инсистирањата на околината.
  8. Навикнати сте да го празните садот без оглед на големината на порцијата. Празнењето на садот по навика е уште една причина зошто јадете и кога не сте гладни. Навиките се трајно врежани во нашето однесување, па тешко е да се одвикнеме од истите.
    Совет: Користете помали садови или полнете помали порции за да го избегнете прејадувањето. Запомнете, садот не мора да биде празен кога ќе станете од масата.
  9. Се откажувате од вашите пороци. Конечно собравте храброст и му го зададовте решавачкиот удар на никотинскиот демон? Откажувањето од пушењето е одлична вест, но не и кога ја дофаќате храната секогаш кога желбата за никотин ќе нападне. За многу личности храната е привлечна и навидум безопасна алтернатива за да ги држат рацете зафатени без да посегнат по цигарата, но вистината е дека таа лесно може да доведе до прејадување и дебелеење.
    Совет: Пронајдете активност која ќе ви помогне да ги надмудрите пороците, како спортување или поинтензивно дружење.
  10. Храната едноставно ви е пред очи. Не можете да стоите настрана од грицките на гостинската маса? Не мислевте да јадете колач по ручекот, но тој едноставно се најде до вашата рака? Не е лесно да ѝ одолеете на храната кога таа ви ги боде очите.
    Совет: Подалеку од очите, подалеку од устата – сместете ја храната што подалеку од вас. Но доколку нема каде да избегате и таа е едноставно пред вас, запрашајте се дали сте навистина гладни пред да ја испружите раката.

https://era.mk

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*