
Најубави места во Македонија
Оние кои имаат желба постојано да патуваат најчесто бираат дестинации надвор од домашните граници. Но, понекогаш забораваме или пак не знаеме колку убавини крие нашата земја.
Македонија има чудесна убавина и е позната по својата прекрасна природа, покрај природните убавини таа е богата со културно наследство, стари градови, традиционална храна, музика и обичаи кои оживуваат во најразлични делови на земјата, и секако, луѓето надалеку прочуени по нивната гостопримливост каде секогаш ќе чувствувате убаво, топло и сакано.
Затоа што со еден збор, сте ДОМА.
Доколку сè уште не сте го сториле тоа, ви предлагаме да ги посетите овие 10 прекрасни локации низ Македонија кои се подеднакво убави во секој период од годината.
Ќе ви ја смират душата, ќе ви ги наполнат очите со убавина и ќе си ја засакате државата уште повеќе доколку отидете во:
Матка
Кањонот на Треска кој според карактеристиките претставува клисура-пробојница крие многубројни пештери, меѓу кои и Врело, најдлабоката подводна пештера на Балканот и втора по длабочина во Европа.
Матка
Поради големиот број манастири и цркви, Матка го носи и името Света Гора.
Канео
Охрид е комплетно убав и магичен, но ретко кое место може да се спореди со Канео
Свети Јован Богослов Канео, најпознатата црква во Охрид, е лоцирана на карпестиот рид над плажата Канео во стариот дел на градот.
Канео
Канео има зачувано добар дел од првобитните фрески кои датираат пред 1447 година. Иако се извршени одредени модификации бидејќи црквата долго време била напуштена, тоа не го изгубило својот првобитен шарм и магичност.
Јанче
Првата асоцијација за Јанче? Зелено, многу зелено. Епитетите кои следуваат се мирно, тивко, мелем за душата.
Ова мијачко село спаѓа во рамките на општината Маврово-Ростуше, а се наоѓа во непосредна близина на Радика и регионалниот пат Дебар-Маврово.
Јанче
Во моментов се реставрираат повеќе селски куќи во автентичниот архитектонски стил на областа со цел да се развие еколошкиот туризам. А верувајте, навистина вреди.
Галичник
Што остана да се каже за Галичник што веќе не е кажано? Кој бил – знае, кој не бил – ќе се покае доколку не го стори тоа набрзо.
Галичник најубаво ќе го доживеете за време на Галичката свадба, но прекрасно е во секој период од годината.
Галичник
Внимавајте само да сте топло облечени и подготвени да ја впиете суровата убавина на пределот, проткаени со легенди, мудрост и спокојство какво што нема да пронајдете никаде.
Кокино
На прашањето – како изгледа Кокино, одговорот би бил: Како надвор од овој свет.
На само 35 km од Куманово, на надморска висина од 1013 m, веднаш под врвот Татиќев камен, ќе ја пронајдете мегалитската опсерваторија Кокино.
Во 20005 година, НАСА го стави Кокино на 4-тото место на листата со најстари и најважни астрономски опсерватории на светот.
Кокино
Како што велат – на оваа света планина сте во непосредна врска со бога.
Вевчани
И да немате вевчански пасош, домаќините топло ќе ве пречекаат и нагостат.
Сместено во источните падини во подножјето на Јабланица, овој мал, но духовно пребогат простор ќе ве воодушеви со природата, преданијата од минатото, малите духовни светилишта – параклиси.
Вевчани
Не заобиколувајте ја вкусната храна и доколку сте во можност бидете дел од Вевчанскиот карневал за поавтентично чувство на пределот.
Лесново
Манастирот Свети Гаврил Лесновски е централната точка на селото Лесново кое се наоѓа во непосредна околина на градот Пробиштип.
Покрај неверојатната живописна природа и пештерите кои се особено интересни за истражување и до кои водат специјални патеки, она што ќе ве воодушеви е резбаниот иконостас во Лесновскиот манастир.
Лесново
Иконостасот е во длабока резба и датира од 1811-1814 година, прво дело на тајфата на Петре Филиповски – Гарката.
Смоларе
Смоларе е навидум како многубројните села во Македонија – тивко, мирно и полно со гостопримливи домаќини, во рамките на општината Ново Село, Струмица.
Но, постои нешто што го издвојува од останатите. Тоа е секако Смоларскиот водопад сместен на северните падини на планината Беласица, по текот на реката Ломница, на надморска висина од 650 m.
Смоларе
Откако ќе поминете илјада чекори и тристотини скалила ќе пристигнете до магичниот водопад кој не се опишува со зборови.
Лазарополе
Лазарополе е уште едно мијачко село во рамките на општината Маврово-Ростуше, второ по големина кое плени со својата недопрена убавина.
Тука ќе пронајдете многубројни цркви, археолошки локалитети за истражување и една од најзначајните пештери ан планината Бистра – Калина дупка.
Празникот Илинден е главната селска слава, па доколку се најдете на почетокот на август во селото подгответе се за едно посебно доживување.
Пелистер
Национален парк, највисокиот врв на Баба планина, домот на Големото и Малото езеро (Пелистерски очи), моликата, ендемската качунка.
Пелистер
Пелистер крие извонредни природни феномени, диви животни и убавини поради кои со добра причина е прогласен за национален парк на Македонија и е гордоста на битолчани.
извор:crnobelo