Поглед во живот исполнет со љубов и професионална посветеност на Д-р Климентије Матоски
Во овој динамичен свет каде што владеат предизвици и каде што животот може да биде бурен, постоењето на некои личности се вистинско освежување особено ако ја познаваме нивната животна приказна која преставува вистинска инспирација за сите кои се стремат кон успех во својата професионална и лична животна патека.
Primarius Doktor scientiae, Климентије Н. Матоски, специјалист педијатар по професија. Тој е човек исполнет со неверојатна љубов кон семејството, работата и животот, што го прави исклучително инспиративна фигура.
Роден е во Струга во 1940 година, во занаетчиско семество. Во родниот град го учи и завршува основното образование, а паралелно со него и кувенџискиот занает кој се пренесувал во фамилијата со генерации наназад. Класична гимназија завршува во Охрид, а Медицински факултет во Скопје. Со занаетот престанал да се занимава откако се вработува како лекар во Медицински центар во Струга, после дипломирањето во 1966/67 година. Во овој центар го поминува целокупниот свој работен век се до пензионирањето во 2005 година.
Д-р Климентије огромната љубов која ја поседува им ги посветил на семејството, на своите и на децата од целиот свет. Често сака да каже дека ако сите неговите заложби помогнале да биде спасен макар само еден живот, ако биде подобрен квалитетот на живеење на макар само еден човек, уште ако се работело за дете, тогаш смета дека навистина успеал, смета дека вредело да се вложи и себе си и целиот негов работен век за таа цел. Оваа своја животна заложба jа пренесува на сите помлади генерации колеги.
Од самото вработување, постојано е на задачи во Службата за заштита и лекување на деца и ученици. Повеке од 25 години секојдневно, лето и зима, ги посетува сите селски, пунктови и подрачни амбуланти, и тоа покрај редовната работа во Детското одделение, одделот за вакцинации или Детското советувалиште, за кои вели дека му се втора голема љубов. Во пензија заминува завршувајќи го мандатот како раководител на сите оддели на Диспанзерот за деца и ученици.
Сепак најомилениот дел во службата му е детското советувалиште кое сам го оформува уште во раната младост.
Во 1975 година jа завршил специјализацијата по педијатрија, за да во 1978 година се здобива со титула ПРИМАРИУС.
Во 1988 година пријавува докторска дисертациза при универзитетите во Загреб,Белград и Ниш. Иако примена, одобрена и со веќе назначени ментори од трите универзитети, таа останува како неодбранет готов текст поради познатите немили случувања од деведесеттите години на минатиот век што се случија на просторите на поранешна Југославија. Поради тоа, во 1991/ 92 година пријавува нова докторска дисертација на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје на катедрата по педијатрија на Медицинскиот факултет. Истата jа одбранува во декември 1995 година насловена „Рахитисот во Општина Струга кај детската популација – лонгитудинална студија за епидемилогијата, движењето, инциденцата и преваленцата на рахитисот во општината за периодот од 1983 до 1992 година“. Со тоа станува и прв доктор по медицински науки меѓу лекарите во поширокиот регион.
Има објавено преку 50 рецензирани научни трудови и соопштенија како плод на перманентната долгогодишна научно истражувачка работа од областа на педијатријата, a посебно за превентивните дејности.
Во 2005 година jа издаде и на самиот ден на заминуване во пензија jа промовира својата капитална монографија „Вродени луксантни состојби на колковите кај децата во Струга и Струшко (1975-2005 год)”.
Овој труд е своевидна евалуација за сознанијата за ова вродена аномалија кај децата, стекнувани во период од повеке од три децении. Ово труд се уште е единствен од ваков вид во нашава земја што jа обработува таа сериозна проблематика и тоа од повеќе аспекти.
Повеќе години е член на Претседателството на лекарското Друштво на Македонија, постојан соработник и дописник на повеќе сродни асоцијации од поранешна Југославија и претседател на лекарското здружение на Струга.
Добитник е на повеќе признанија и награди од Лекарското друштво на Македонија, а во 1999 година и на највисокото, златна плакета. Како круна на заслужените признанија, во 2001 година станува Доктор на годината и ја добива највисоката, најпрестижната награда „Свети Наум Охридски”.
На последниот Конгрес на педијатрите од Македонија со меѓународно учество во Охрид во 2005 година, се здоби со специјално признание за најдобро организирано детско советувалиште во Македонија.
Неговите активности и заслуги имаат и општествени димензии.
Повеке од 45 години е активист на организацијата на Црвениот Крст на Македонија во чии рамки бил на највисоки функции како на општинско, исто така и на републичко ниво. Особено е активен во крводарителските дејности на сите нивоа и за тие активности добил многубројни признанија.
Како доброволен крводарител дејствува со личен пример повеќе од 55 години. Има регистрирани повеке од 60 крводарувања во своја иницијатива или одредени пригоди и акции. За време на своите работни дежурства во Медицинскиот центар, уште многупати дарувал крв сакајќи анонимно да им помогне на сите на кои им била потребна крв. Покрај тоа, целосно бил вклучен во широките активности за ширење на крводарителска свест кај луѓето. Одржал неброено многу акции, предавања, демонстрации во сите училишта во Струга и Струшко, во сите работни колективи и сл.
Сепак намногу се гордее со со Повелбата и златниот медал на најзразвиена хуманитарна организација во светот.
Носител е и на Сојузна Повелба за екологија, Повелба за заслуги за децата, од страна на Српско Лекарско Друштво, многу одличја од страна на Соузот на Резервни Воени Старешини на Југославија и Македонија, Републичкиот и Опшитинскиот штаб за цивилна заштита и многу други.
Повеке од десет години бил клупски лекар на Кајакарскиот клуб и уште толку години имал иста улога и во Извидничката организација на Струга и Македонија. Од сите има добиено врвни признанија, одличја и награди.
Тој е еден од основачите и Претседател на ансамбалот “Распеани стружани” со кои снимиле една лонг – плеј музичка плоча со 12 староградски струшки песни и танци. Ансамбалот е познат и признат пошироко од Струга и Македонија и во поранешна Југославија и имаа настапи во Австрија, Унгарија, Франција и Холандија.
Има снимено повеќе телевизиски емисии и сл. Во рамките на локалното Радио Струга, а покасно и на локалните телевизии од Струга и Охрид, покрај веќе споменатите емисии од здравствено просветниот карактер, повеќе од десет години водел контактни сопствени музички емисии. Притоа користел материјали од сопствената фонотека за коа се знае дека е една од најбогатите во Македонија. Музиката и фотографијата, нагласува, дека му се љубов, не само најомилено хоби.
Д-р. Климентие редовно учествува во волонтерски активности, особено во оние кои ја поддржуваат благосостојбата на децата и животната средина. Неговата посветеност на одржување на здрава животна средина се рефлектира не само во неговиот личен живот, туку и во неговата практика бидејќи неизмерно jа сака, почитува, чува, негува и унапредува работната и животна средина. Многу често престојува во природа и секогаш зад себе остава онака како што сака следниот пат да најде пред себе. Во таа насока е околу 15 години Претседател на Месната задница на викенд населбата Горна Белица, на планината Јабланица во Струга. За неа вели исто така дека му е една од многуте љубови.
Очигледно, станува збор за човек со многу љубов во себе.
“Докторе, што најмногу љубите ?”
“Сè, мојата Мики – Милка (сопругата), семејството, внуците, децата од целиот свет, уметноста, природата, науката, луѓето…” – ќе ви набројува, незнаејќи притоа, што попрво. Но, секогаш ја користи приликата да им се заблагодари од сѐ срце на сопругата и целото семјество за огромната поддршка што му ја даваат за време на неговата работа и истражување, бидејќи нивното постојано охрабрување, љубов и трпение секогаш биле мотив низ сите овие години. А, ако го замолите да ви каже што најмногу го воодушевувало или што го водело низ сите овие години во неговата дејност, често како водилка ќе ви прераскаже една народна приказна според Ентони Де Мало.
Таа накратко гласи вака :
” Еднаш еден човек нашол едно орлово jајце кое било испаднато од гнездото. Го зел и го измешал меѓу jајцата што си ги квачела кокошката во неговит кокошарник. Кога дошло време, тоа jаjце се испилило во здрава и убава малечка птица – мало орле. Растело тоа заедно со малите кокошкини пиленца, но со ништо не се двоело.
Така орловото пиленце пораснало во орел што целиот свој живот, задно со кокошките го правел се` она што правеле и тие во дворот на селанецот што ги чувал. Тоj се што знаел било дека е еден од нив. Претал по цел ден наоколу по ѓубриштата,колвал црви, бубачки, житни зрнца и отпадоци од храна. Повремено кокодакал и мафтал со крилата подигнувајќи се само една педа од земјата.
Така минале многу години и орелот станал силен, а многу од кокошките со кои растел орелот веќе биле одамна дел од некоја вкусна чорба зготвена од домаќинката.
Еден убав ден, на ведрото сино небо се појавила една чудесна птица со големи моќни крила како владее и господари со височините. Орелот восхитувајќи се и чудејќи се, долго гледал кон небото. Во еден миг, птицата се изгубила во далечината.
“Што беше она? ” прашал орелот.
“Тоа е орел, кралот на птиците”- му рекла старата кокошка” . Тој му припаѓа на небото, височините и слободата, а ние на земјата, ѓубриштата и кокошарникот.
„Ах, да бидам орел, само еден ден, да можам да летам толку високо“ – рекол орелот.
„Не биди будала, ти си тука меѓу нас, ти си кокошка, не можеш да бидеш орел“-му рекле кокошките.
И така, орелот остарел, верувајќи им на кокошките. Го поминал целиот живот не знаејќи кој е и што може да направи.
“Треба да знаеш кој си и што си, нели? ” – ќе Ви се поднасмее нашиов доктор.
И никако не заборава да Ве потсети на некоја латинска “сентенција”.
„Ad astra per aspera“ – Преку трњата, до ѕвездите.
„Non est vivere, sed valere vita“ – Не е важно да се живее,него да вредиш во животот.
Нека ви е вечно името Д-р Климе!
Уште долги години да го славите заедно со сопругата и вашите најмили.
За многу години!