ЗА УКРАДЕНИОТ ОЛИМПИСКИ СОН

Во очи почетокот на Летните Олимписки игри во Париз, кога веќе светот е зафатен од големата олимписка еуфорија, се присетувам на една приказна за која современиците речиси и заборавиле, ние децата од тоа време сме ја слушнале – недослушнале и не знаеме баш што конкретно се случило, и сигурен сум дека ако сега не иницирам да се дознае вистината, засекогаш ќе биде предадена на заборавот.

За да ја започнам приказната со она што го знам, ќе се вратам во моето рано детство, во малиот хангар на Кајакарскиот клуб „Црн Дрим“ кој тогаш беше друштво за водени спортови и рекреација (ДВСР), во кој од мноштвото пловила најчесто изработени од армиран полиестер, се издвојуваше еден двосед (кајак за двајца веслачи) изработен од фино махагоново дрво, на кој од обете страни со црн калиграфски ракопис беше испишано „Регина“. Тоа беше клупската реликвија која никој не ја веслаше.

Во клубот членуваа едночудо деца и младинци организирани и во три смени. Сите кајаци излегуваа и влегуваа од хангарот, само Регината „спиеше“ на третите сталки од десната страна , веднаш до големата лизгачка врата, покриена со едно темно платно. – Сакате да ја веслате а? Не запраша тренерот Живе додека неколку од почетниците љубопитно ја ѕиркавме кревајќи го платното. – Дааааа, сакаааме! Извикавме, туркајќи се пред кајакот небаре веднаш ќе ни го даде, та кој е поблиску прв ќе весла. – Еееее за овој кајак деца требит да изејте фурни леб, да го „изорате“ езероно и вдолж и попреку. Овој кајак им е даен од репрезентација за Чурка и Ѓоко з’ш тие се сојузни прваци на Југославија, башка балкански прваци еееј! Сега че одет и на Олимпијадата во Сеул че ја претставувет Југославија, Македонија, Струга. А вие ако не тренирате ќе ги веслате оние трупојне и че ојте „Валево“ велеше развлекувајќи ја устата во широка насмевка од која ѕиркаше сјајна, позлатена тројка.

Иако во Југославија навистина постоеше град со такво име, божемниот топоним на тренерот имаше поинакво значење. На дримколски дијалект зборот „Але“ означува „Нужник“ па така нашиот многу почитуван тренер Живко Костоски – Чузе јасно ни укажуваше дека одењето „в алево“ е одење во клупскиот нужник, нормално ако не тренираме. А трениравме, навистина трениравме. Тоа беше време каде мотивацијата за тренинг не ја наоѓавме во богатите модели (како што денес сите сакаат да се Роналдо) туку доволен мотив беше сонот што некогаш ќе ја весламе Регината и ќе бидеме како Ѓоко Дурац и Ристе Чурка, а во ретките моменти на деконцентрација од тренингот тука беше левата рака, популарната „лејца“ на Чичко Живе која во секунда не балансираше на ниво на нови Мишелинки и не ставаше в „џонија“.

Кои беа всушност Џоко и Чурка?

Струшки деца кои потекнуваа од чесни работнички семејства, популарни по своја заслуга, но сепак скромни и приземни пријатели. Беа дел од една исклучително надежна генерација заедно со Дуко Ристоски, Зоран Бунчески и ред други. Горостаси кои, кога ќе се наредеа во клупската вежбална изгледаа како скулптурите на Микеланџело во центарот на Фиренца. А, в кајак пак беа нешто навистина импозантно за гледање. Тренерот Живе застанат на пристаништето кај Машка Плажа со „точакот“ во едната и механичката штоперица од руско производство во другата рака, го очекува стартот на двоседот некаде над трската кај Црвен Крст, застанати со веслата подигнати на готовс, кајакот ни мрда, ни прета. И одеднаш се крева водената прашина околу нив чиниш се лансира спејс шатл, каква техника на веслање, каква синхронизација, двајцата како еден. Ѓоко – напред, Чурка – позади. Едниот претпознатлив по „џигерицата“ а ла Бајага, другиот по мачо бркчињата. Но двајцата по една исклучителна физичка подготвеност и елеганција на веслање. – Аре пак рекорд, нетокму сте вие двајца! Потскокнува чичко Живе, сигурен дека ќе донесат медал од Сеул.

Е сега тука навистина не знам како да ја продолжам приказнава. Знам дека двоседот Чуркоски – Дурацоски се подготвуваше со останатите кајакари на олимпискиот тим на Југославија, ги пројдоа подготовките низ разни кампуси ширум федерацијата. Клубот, градот и државата го живееа олимпискиот сон. Се очекуваше медал. И некако како во сон се сеќавам на едно големо разочарување. Некакво подметнување, расправии во клупската канцеларија, апатија, агонија. Двоседот не оди на олимпијадата во Сеул!

– Кај ти текна за тоа да прашаш, ми вели Ѓоко Дурац преку видео повик на Месинџер. Веќе долги години живее и работи во САД со семејството. Да ми веруваш ни јас не можам да кажам што точно се случи. Бевме неприкосновени државни прваци на Југославија во двосед од 85-та до 88-ма година. Најжолчните ривали се обединуваа и правеа комбинации во двосед за да не победат ама џабе. Бевме и балкански прваци, а знаеш дека и денес балканските земји дрмаат во кајакот и на светско ниво, така беше и тогаш. Со реализиран пласман и сигурно учество на игрите не повикаа во олимпискиот тим, ни зедоа мерки за костумите за дефиле и ги примивме потребните вакцини. Бевме на посебни физички подготовки и ги минавме сите контролни мерења и натпревари, по што нè пратија на кратко отсуство дома во Струга од каде требеше да нè повикаат на завршни подготовки. Дома си продолживме со интензивните тренинзи очекувајќи го повикот, но него го немаше. Еден ден во тогашното спортско списание Темпо прочитавме дека кајакарската олимписка репрезентација заминала на завршни подготовки во Јајце (БиХ). Зошто не изоставија, не знам, никој не знаеше. Во тоа време немаше ваква комуникација и средства за информирање како денес. Се шпекулираа многу работи. Но, грев е да зборувам за нешто во кое не сум сигурен. Сепак доказ дека вечно ја живеевме судбината на периферија и авторитетите на сојузот не третираа како спортисти од втор ред не е само изоставувањето од олимпискиот тим, туку и криењето на можноста да учествуваме на светските првенства како национални и балкански шампиони. Како куриозитет ќе спомнам дека постигнатото време со кое освоивме златен медал на Балкаскиот шампионат во Софија од 01:36 сек на 500 метри беше доволно за златен медал на светскиот шампионат во Дуизбург, Германија 1987 година. Впрочем романскиот двосед Стоиан – Велеа станаа светски прваци со тоа постигнато време. Да биде апсурдот поголем, на стартните листи на светскиот шампионат се појавија нашите имиња. Зошто нашите не нè пратија не знам ни самиот. Но категорично тврдам дека постоеа фаворизирани миленици на сојузот, а во нив ние секако не спаѓавме!

Последното големо првенство на кое учествуваше двоседот Ристо Чуркоски/ Ѓорѓи Дурацоски беше Универзијадата во Загреб каде го освоија 7 место во конкуренција од преку 40 натпреварувачи. Ќе кажат дека големото олимписко разочарување влијаеше на нивната понатамошна подготовка и мотивираност во тренажниот процес се до целосното завршување на натпреварувачката кариера.

Но и после тоа долго другаруваа со кајакот. Беа тренери, селектори. Ристе на одминати години беше првиот кајакар кој го заобиколи Охридското Езеро и учествуваше на меѓународни првенства за ветерани. На Ѓоко животниот пат го однесе во Њу Џерси каде рекреативно практикува кајакарење. Ќе кажам дека ја имав привилегијата да ми бидат тренери и селектори и да учествувам на наколку првенства под нивно водство. На секое првенство надвор од Македонија сите нѐ прашуваа за нив. Еднаш еден познат српски, кајакарски тренер ми рече: Кога ќе видевме дека со Mакедонците сме во иста квалификациска група, тактизиравме да не се трошиме многу бидејќи само првиот чамец одеше во финале, а останатите во Репесаж (дополнителни квалификациски трки) а нив двајца беше невозможно да ги победите.

Ете, во знак на благодарност за клупските радости, тренерските совети и придонесот на двајцата кон струшкиот спорт, ја спасувам приказната од заборав. Иако нецелосно расветлена, бидејќи сè уште никој не ја разбра причината за неправдата, сепак ќе се знае дека Струга имаше кајакари од светски и олимписки калибар, а и тоа се важи нели?

Автор на текстот:
Коста Хиохи
спортски работник, хроничар и колумнист

https://era.mk

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*